Опис: Симптомите што ги причинува оваа габа се манифестираат на лисните ракавци и приземниот дел од стеблото на оризот, обично во висина на нивото на водата во оризовите парцели. На лисните ракавци симптомите се во вид на дамки, маслинести до црни, по облик тркалезни до неправилни. Заразените лисни ракавци гнијат, а габата продира во внатрешниот дел на стеблото на оризот.
На стеблото болеста може да се јави во вид на темнокафеави дамки до различна големина и облик. Тие се обично по целата површина или се споени и зафаќаат две третини или цела интернодија, така што заразените стебла лесно се кршат и полегнуваат. Во полето како резултат на заболување на лисните ракавци, доаѓа до промена на бојата на лисјата од цветло, до темно портокалова боја. Подоцна лисјата се сушат и изумираат, а симтптомите на болеста не се јавуваат на горните делови од оризовите растенија. Со оглед на тоа дека оваа болест на оризот, позната како гнилеж на стеблото претставува сериозен проблем во производството на ориз, доста важно е да се најде начин за нејзино спречување. Главни мерки за спречување се превентивните и тоа воведување на плодоред, спалување на стрништето, одгледување на преткултури, правилно ѓубрење и наводнување и одгледување на отпорни сорти ориз. |