Опис: На кората и стеблото се образуваат мали пеги кои се шират споро и постепено ги зафаќаат како новите делови на кората така и дрвото. Во текот на подоцнежниот развој заболените места поцрнуваат и се распаѓаат, притоа се создаваат длабоки рани, со поголеми или помали израстоци. Ракот може да биде откриен - кога раните се отворени, со поцрнето дрво и кружно распостранети израстоци, и покриен - кога раните се скоро потполно покриени од израстоците, со исклучок на само еден тесен отвор. Кај јаболката се јавуваат двата облика додека кај крушата само вториот. Болните овошки се сушат. Во развојниот циклус на габите постојат аскусни и конидиски стадиум. Перитициите се образуваат во црвенкастите строми. Тие се округли и малку овални, сјајно црвени а потоа темни. Аскусите содржат по 8 двоклеточни безбојни или жолтеникави аскоспори. Конидиите се образуваат во текот на пролетта директно на мицелиумот или на стромите. Тие се обвиткани, цилиндрични и повеќеклеточни. |