Опис: Овој вирус е распространет секаде каде што се одгледува пиперката. Штетите можат да бидат и до 90% од приносот. На пиперката се опасни два соја од TMV: обичен сој и некротичен сој. Симптомите на болеста зависат од сортата на пиперката, сојот на вирусот, фенофазата во која се остварува заразата и надворешните услови. Мозаикот е изразен на врвните ливчиња додека на постарите листови се појавува жолтица. Овие промени се пропратени со заостанување на порастот на ратсението и намален број на ситни и деформирани плодови со некротични дамки. Кај некој сорти настанува некроза и по должината на стеблото. Вирусот се пренесува со семето. Покрај површинската се појавува и ендогенска зараза но во помал процент. Друг извор на зараза се растителните остатоци од заразени растенија. Вирусот се пренесува по пат на механичко оштетување при садењето, поливањето и бербата. Прва мерка за заштита е одгледување отпорни сорти или помалку осетливи. Дезинфекција на семето е задолжителна мерка за заштита. Со потопување во 2% раствор на натриумхидроксид (NAOH) се инактивираат честичките на вирусот на површината на семето. По дезинфекцијата семето се мие со вода и суши. Инактивација на внатрешна зараза се постигнува со потопување на семето во 10% раствор на тринатриумфосфат (Na3PO4) или тридневно загревање на 50 степени. Леите за расад да се дезинфецираат со водена пареа. Пиперка да не се одгледува по домат, тутун, компир кој се осетливи растенија спрема овој вирус. |