Опис: Оваа болест кај нас предизвикува големи штети, причинувајќи венење и изумирање на младите растенија од лубеница. Растенијата можат да бидат нападнати во сите фази од нивниот развој. Причинува изумирање, односно полегнување - паѓање на младите растенија во фазата на котиледонските листови. Постарите растенија прво венат, преку ноќ можат малку да заздрават, но за десетина дена изумираат. На напречен пресек при основата на стеблото се забележуваат потемнувања на спроводните садови. Кај нас често се јавува при одгледување на лубеници во пластични тунели и на отворено. Паразитот се одржува во вид на мицелија како сапрофит и до 16 години. Се разнесува на различни начини: со вода за наводнување, почва, прибор за работа, шталско ѓубре. Инфекциите се остваруваат преку отворите што настануваат при развојот на болните коренчиња, како и преку оштетувања што ги предизвикуваат нематодите што се хранат на коренот од лубеницата. Габата достигнува до ксилемот, каде што се развива, го зачепува и предизвикува венење на растенијата. Изумирањето на никулците од лубеницата е помасовно при пониски температури што е понеповолно за нивниот развој. За спречување се препорачува да не се одгледува лубеница на површини каде што претходно имало фузариозно венење. Доколку се забележат првите симптоми, треба да се уништат болните растенија. Се препорачува калемење на лубеницата на подлошка Лагенариа вулгарис, која е отпорна кон паразити. Залевање на растенијата со комбинација од пропамокарб+тиофанат метил или беномил, или тебуконазол во раните фази од развојот на растенијата. |