Опис: Болеста бело гниење е распространета во целиот свет, како во земјите со тропска, медитеранска, така и во земјите со суптропска клима. Габата е полифаг патоген со голем број домаќини. Таа напаѓа растенија од 278 рода и 75 ботанички фамилии. Посебно се осетливи растенијата: сончогледот, салатата, гравот, боранијата, маслодајната репка, зелката, морковот, доматот, кромидот, дињата и др. Белото гниење се јавува редовно во реони и локалитети со повлажна клима. Во Македонија се јавува поретко, освен во повлажните локалитети во Пелагонија. Изумирањето на семето и никулците може да се јави во години со ладни и влажни услови, непосредно по сеењето. Венењето на растенијата настанува како последица на гниењето на коренот и основата на стеблото. При основата на стеблото се забележува една зеленикава, а потоа кафеава воденаста дамка, која се шири брзо, го зафаќа стеблото прстенесто, основата на стеблото гние и растенијата венат. Горните листови малку жолтеат, а потоа растението брзо вене. Гниењето може да продолжи и до 50cm од надземниот дел на стеблото. Кореновиот систем кај болните растенија, 20cm во длабочина од почвата, е кафеав, гнил и дезорганизиран.
Венењето на растенијата или кореново гниење на сончогледот настанува од подземни инфекции. Примарните инфецкии настануваат на главниот корен во зоната на избивање на бочните коренчиња. Венењето на растенијата е најсилно кога склероциите се во непосредна близина со семето. Многу полесно се изведуваат инфекциите во фаза на цветење, затоа што физиолошки ослабените чашкини ливчиња се идеално погодни за зараза. Инфекциите можат да се остваруваат и директно преку кутикулата.
Заштита. Спречувањето на ова заболување е тешко, бидејќи склероциите се одржуваат долго време во почвата. Гниењето на коренот предизвикано од овој паразит се забележува и по 10 години од одгледувањето на осетливи растенија. Густите посеви и ѓубрење со азотни ѓубрива повеќе страдаат од белото гниење. Треба да се употребува здраво семе. Во семето не смее да има склероции. Може да се користат фунгициди од групата на бензимидазолите и ботритицидите. Не постојат доволно отпорни сорти кон овој паразит. За заштита на краставицата, доматот и други растенија во пластеници и оранжерии од овој паразит можат да се користат истите хемиски средства.
|