Опис:
Напаѓа голем број на легуминози, особено грашок, грав, луцерка граорица, црвена детелина. . Штетник е на гравот на отворено и во складиштата. Ги напаѓа сите сорти на грав. Има 3 - 4 генерации годишно и презимува во стадиум имаго во гравот или на отворено под растителни остатоци во почвата. Напролет женката полага јајца на позрелите мешунки од гравот и испилената ларва веднаш се вбушува во зрното. Во складиштата женката ги полага јајцата директно на зрното од гравот. Ларвата целиот живот го поминува во зрното, хранејќи се со ендоспермот. Во 1 зрно се развиваат повеќе ларви. Штетник е на гравот за исхрана, гравот кој се складира и чува и гравот за семе. Нападнатото зрно е со голем број дупчиња и може да биде целосно изедено. Оштетеното зрно не се препорачува ниту за сеидба. За следење се применува визуелен метод, кечер, жолти водени садови. Контролата на штетникот на отворено се врши ако се утврди надминување на економскиот праг со визуелен преглед или со кечер: 5 јајца или ларви на 100 мешунки. Од агротехнички мерки за контрола се препорачуваат плодоред, уништување на растителни остатоци, од хемиските мерки се препорачува во време на летање на имагата на отворено со препарати на база на спинозини, фенилпиразоли, пиретроиди. Контрола на гравовиот жижок во складиштата се врши со фумигација. |