Опис: Има 3 - 4 генерации годишно и презимува имаго под растителни остатоци. Се активира напролет и го напаѓаат тутунот во леите или тукушто расадените растенија. Јајцата ги полагаат околу коренот на растенијата. Ембрионалниот развој трае околу 7 дена и испилената ларва се вбушува во коренот и стебленцето правејќи канали со својата исхрана. Типичен олигофаг кој се храни со видовите од фамилијата Solonaceae. Нападот од тутуновата болва е можен во текот на целата вегетација. Штетите ги причинуваат ларвите и имагата. Прават мали дупчиња, заради што листовите добиваат сребрен сјај и се загадени со екскременти од штетникот. Отворите на листовите претставуваат отвор за внесување на голем број патогени микроорганизми и таквите растенија тешко се адаптираат по пресадувањето и многу често угинуваат. Штетите се посебно изразени во услови на суво и ветровито време. Ларвите се хранат на подземните делови од растението, при што прават ходници низ коренот и стеблото. За следење на штетникот во текот на вегетацијата се препорачуваат методите како визуелен преглед, жолти водени садови, жолти лепливи плочи во расадот. Економскиот праг е 8 имага на растение во фаза на расадување и 62 имага на растение во вегетација. Од мерки за контрола се преземаат: агротехнички мерки, односно уништување на растителните остатоци околу леите за производство на расад, плодоред, а од хемиските мерки се користи апликација на инсектициди кога ќе се утврди присуство на штетникот со некој од применетите методи. |