Опис: Штетник е на луцерка, шеќерна репка, грав, компир. Има 2 - 3 генерации годишно. Презимува во стадиум на јајце во стеблото од луцерката или други легуминози. Поволни услови за развој има при влажна и студена пролет. Луцеркината стеница е дневен инсект. Штетите ги причинуваат ларвите и имагата со смукање сокови од сите растителни делови. Исхраната на листот е концентрирана на главните нерви или лисната дршка што доведува до успорување на развојот на вегетативните делови. Најголеми штети луцеркината стеница причинува на семенската луцерка, каде што смукаат сокови на цветните пупки и мешунките. Предизвикуваат опаѓање на цветовите а подоцна и на семето. Семето добиено од оштетени мешунки има послаб квалитет. За следење на луцеркината стеница се користи методот на дрвен рам и кечер. Економски праг 30 - 40 имага/м2 . За заштита на луцерката од луцеркината стеница се предвидува просторна изолација особено ако станува збор за производство на семе. Косење на луцерката по топло и суво време ја намалува бројноста. Примена на инсектициди е дозволено само кај семенските посеви на луцерка, бидејќи одлгедувана за зелена храна не смее да има никакви резидуи од пестициди. За уништување се користат спинозини, пиметрозини, пиретроиди. |