Опис: Оваа болест преставува голем проблем во производството на пиперката поготово во реони со долга традиција на одгледување на оваа култура. Оболувањето го предизвикува паразитната габа Verticiliium albo - atrum. Во загрозените реони чести се години каде процентот на заразените растенија стига до 100 %. Штетите се особено големи кога пиперката се одгледува за производство на физиолошки зрели, црвени плодови. Паразитот се одржува во почвата во вид на микросклероции или задебелени фрагменти на мицелиумот како орган за конзервација. Зеленото венење почнува со губење на тургорот на листовите при што не ја губат основната зелена боја. Во почетокот знаците на болеста се видливи во текот на денот кога е најтопло, а ноќе го враќаат свежиот изглед. Паразитот брзо се развива и ги опфаќа спроводните снопчиња на растението и го оневозможува нивното функционирање што доведува до потполно венење на растението. Во понатамошната еволуција на болеста листовите некротираат почнувајќи од ивиците на листот. Во раните инфекции доаѓа до скратување на интернодиите, па оболените растенија имаат жбунаст изглед. |