Опис: Плодовите од јаболката може да бидат инфицирани од цветањето до зреењето. Кај заразените плодови во фазата на цветањето се забележуваат ситни светлосиви дамки, кои остануваат како такви се до зреењето. Кај подоцните зарази се развиваат ситни и малку вдлабнати светли или кафени дамки, кои кај зрелите плодови можат да бидат опкружени со еден црвеникав ореол. Инфекциите се остваруваат преку лентицелите и бројот на дамките на еден плод може да биде голем. При бербата на плодовите, инфекциите тешко се забележуваат. Типични симптоми се развиваат откако плодовите ќе бидат извадени од складиштата, кога дамките брзо се зголемуваат и некои од нив може да се соединат. Дамките се тркалезни, доста изедначени и со темнокафеава боја. Некои од болните плодови опаѓаат, а некои остануваат во овошките каде се мумифицираат. Во рамките на вдлабнатите дамки, габата образува ацервули со бледожолтеникава боја, и при влажни услови во ацервулите се образуваат голем број конидии кои во вид на жолтеникава маса истечуваат од нив. Покрај плодовите габата ги напаѓа и ветките, како и листовите. По ветките се развиваат рак - рани, кои обично се ограничени со калус. По листовите се јавуваат тркалезни дамки. Брзината на инфекцијата зависи од должината на влажнењето на плодовите. Инфекциите се остваруваат и преку лентицелите, а најбројни инфекции се остваруваат пред бербата на плодовите. За заштита треба гнилите плодови да се соберат и да се уништат, заразените ветки и раковини да се изрежат и да се спалат. Пред бербата на плодовите се препорачува прскање со каптан. |