Опис: Габата причинува гниење на плодовите од јаболката, прстенесто гниење на основата од стеблото. Ретко се среќава во овошни насади помлади од 10 години. Габата се наоѓа и се одржува во почвата, а презимува во вид на ооспори, што се образуваат во заболеното ткиво, или во паднатите листови од јаболката. Во почвата се одржува 15 години. Инфекциите се остваруваат преку различни рани, оштетувања, природни отвори како стоми и лентицели. Кората кај овошките е осетлива само во текот на мирување на вегетацијата и пред почетокот на вегетацијата. Масовни зарази настануваат во услови на ниски температури и интензивни врнежи. Гниењето на плодовите кај јаболката предизвикано од оваа габа станало актуелно кога почнало да се одгледува јаболката во густи склопови и со ниско стебло. При вакви услови, плодовите поради блискоста со почвата во која се наоѓа паразитот, силно се изложени на зарази, кога капките од дождот ги зафаќаат зооспорите од почвата и ги донесуваат во плодовите. За заштита на плодовите од јаболката често се користат бакарните препарати. Почвата околу основата на стеблото треба да се третира со бакар оксихлорид или бакар хидроксид, раните да се премачкуваат со паста и гасена вар. Се препорачува режење на долните ветки, со цел плодовите да не допираат до почвата. Долните плодови да се берат и да се чуваат посебно, да се избегнува прекумерното наводнување.
|