Опис: Симптоми на гниење на кореновиот врат кај јаболката се забележани во преспанскиот регион. Габата причинува различни симптоми како на пример причинува изумирање на никулците кај јаболката, гниење на плодовите, гниење на кореновиот врат, прстенесто гниење на ветките. Кај никулците, цветовите, листовите и младите изданоци предизвикува промена на бојата, тие стануваат портокаловокафеани, потоа венат и се сушат. Кај плодовите настанува силно гниење со дифузен раб со зеленокафеава боја до светлокафеава. По кората од кореновиот врат се забележуваат дамки во вид на шаренило или тие се зонирани. Од дамките во кората истекува рѓеста течност. Раните во кората се активни повеќе години, при што тие стануваат набрани. Габата се одржува во вид на ооспори, хламидоспори и мицелија во почвата, потоа во раните кај овошките, како и во растителните остатоци. Високата влажност на почвата, високата релативна влажност на воздухот, го фаворизираат нејзиниот развој и затоа таа е присутна во насади со влажни и недренирани почви. Најчести зарази настануваат во кората при основата на стеблото. Инфекциите се остваруваат преку рани, оштетувања и природни отвори кои при услови на влажна почва се особено активни. Јаболката е најосетлива во фаза на отварање на пупките и интензивниот пораст. Спречувањето е тешко поради широките можности за ширење и одржување на паразитот. Треба да се употребува здрав посадочен материјал, се препорачува третирање на болните овошки со некој од препаратите на база на металаксил, беналаксил, пропамокарб или етазол преку почвата, основата на стеблото да се нагрне малку со третираната почва.
|