Опис: Се претпоставува дека ова заболување е пренесено од Мала Азија со внесување на винова лоза во Европа. Распространето е во целиот свет. Оваа болест е застапена и во Македонија кај поединечни лози, а не се групирани во насадите. Причинителот се шири и пренесува преку садниот материјал. Болеста е штетна бидејќи го намалува приносот за 20% во текот на целиот живот, а покрај тоа и содржината на шеќер во грозјето силно е намалена, дури и до 30%. Болните лози се послабо развиени од здравите. Во текот на вегетацијата на лисјата кај белите сорти во почетокот се појавуваат жолтеникави, а кај црните црвеникави дамки. Лиските со рабовите се свиткуваат кон опачината во насока на главните нерви. Кај лисјата со најсилни симптоми во есен се јавува некроза на епидермисот, слично на недостаток од калиум. Лиските се крти под рака се кршат и пукаат. Болните лози даваат мал број гроздови и имаат помал број добро развиени зрна. Ширењето на болеста главно се остварува со заразен саден материјал. Но исто така го пренесуваат и брашнести вошки Pseudococcus longispinus и Planococcus ficus. За заштита од овој патоген потребно е производство и употреба на здрав саден материјал, за што е неопходно редовно контролирање на матичните насади за калемгранки и тестирање на американските лози и подлоги. Вирусот исто така може да биде елиминиран со термотерапија. |