Опис: Патогенот ги напаѓа стеблото и клубените со што стеблото омекнува, а приземниот дел гние. Болните растенија заостануваат во растот. Листовите на врвот се ситни, светлозелени до жолтеникави, се свиткуваат кон лицето и венат. Врвовите со листовите имаат исправена положба. На приземниот дел од стеблото се забележуваат темнокафеави дамки, во кои ткивото омекнува. Основата на стеблото е прстенесто зафатена, поцрнува, станува леплива поради што се нарекува “црна нога”. Ткивото се повеќе омекнува, гние и за 3 - 5 дена од инфекцијата изумира и таквите растенија не образуваат клубени и лесно се корнат. Брзото венење на растенијата настанува при влажно време. Покрај овој акутен облик на заболување се манифестира и хроничен облик кога растенијата заостануваат во растот, стеблото им е тенко, а листовите ситни. Бактеријата од стеблото преминува во клубените и при напречен пресек се забележуваат потемнувања на спроводните садови кои во текот на вегетацијата и при чувањето гнијат и пропаѓаат. Бактеријата се развива на температура од 1 до 36°С. Заразите на клубените се остварува најчесто во есен при нивното вадење, со допир на болни и здрави клубени или со болното стебло. На клубените се јавуваат ситни темнокафеави дамки кои во текот на чувањето се зголемуваат. Тогаш паразитот од клубените преоѓа и во стеблото, каде што ги причинува типичните симптоми.
Употреба на здрав саден материјал кој потекнува од парцели каде што не е забележано заболувањето, садење на цели клубени, воведување на плодоред, уништување на почвените штетници што ги пренесуваат бактериите, отстранување и уништување на болните растенија, при вадење на компирот да се внимава тие да бидат што помалку оштетени. |