Име на болест: Прстенесто гниење на компирот - Clavibacter michiganensis subsp. sepedonicum
Култура: КОМПИР
Опис: Оваа бактериоза спаѓа во економски најштетните болести кај компирот. Штетна е при одгледувањето на компирот во поле, и за време на складирањето. Приносот може да биде намален за 40%, а загубите во складиштата и до 60%. Кај раните посеви во полски услови болеста тешко се забележува бидејќи ги зафаќа само дел од спроводните садови. Типични симптоми се забележуваат подоцна во август. Најпрво се забележува венење на одделни долни листови кои пожолтуваат и со рабовите се свиткуваат кон лицето а подоцна пожолтуваат и венат сите листови. На клубените се забележуваат потемнувања на спроводните садови и тие прво се жолтеникави а потоа стануваат кафени. Гниењето се шири прстенесто околу спроводниот систем, поради што е означено како прстенесто гниење. Заразените клубени не се за складирање бидејќи во текот на чувањето тие гнијат, а ако се употребуваат за садење од нив се развиваат заразени растенија.  Оптимална температура за појава на оваа бактерија е од 20 до 23°С, а најмасовни инфекции се остваруваат на температура од 18°С. Основен извор за зарази се заболените клубени во кои патогенот презимува. Клубените се инфицираат преку столоните од болните растенија а најмасовното пренесување на бактериите се остварува ако за садење се користат сечени клубени при што со ножевите се пренесуваат голем број бактерии и ги заразуваат здравите клубени. Во заразените растителни остатоци бактеријата се одржува до нивното целосно распаѓање а во полски услови се пренесува и од инсекти.  За садење да се употребуваат здрави клубени, да се садат цели клубени, доколку мора да се сечат, ножевите да се дезинфицираат во раствор од живин хлорид, да се уништуваат болните растенија, да се врши редовна дезинфекција на складиштата.



повеќе слики >>

Препарати