Опис: Сувото гниење е присутно во случаи на механички оштетувања на клубените по кој било начин, најчесто при механизираното вадење, потоа при претходно заболување на клубените од пламеница, од обичната краставост на компирот и од други болести. Се јавува честопати и во наши услови, посебно при складирањето и несоодветното чување на посадочниот материјал кога може да предизвика целосно пропаѓање на клубените. Сувото гниење на клубените се јавува по еден месец од нивното внесување во складиштата. Првите знаци се забележуваат на местото на различните оштетувања при што се забележува кафеаво гниење, потоа гнилото ткиво се суши, спурува и станува тврдо. На изумреното ткиво се јавуваат перничиња од белузлава мицелија од габата што е сигурен знак за сувото гниење. Причинителите образуваат микроконодии кои се едно и двоклеточни. Габата образува и хламидоспори со една до три клетки и се образуваат во постарите микроконидии и во мицелијата. Инфекциите се остваруваат преку механичките оштетувања, преку повредите од пламеницата, од обичната краставост. Несоодветното чување на клубените во складиштата и несоодветната подготовка на клубените за складирање ја зголемуваат опасноста од сувото гниење. Сувото гниење на компирот е најинтензивно во пролет, кога треба компирот да се сади. За спречување на сувото гниење на копирот се применува уништување на надземната зелена маса дали со косење или со некои десиканти, непосредно пред вадењето на компирот со цел да се спречат заразите на клубените од пламеницата, да се внимава при вадењето на компирот со цел да се избегнат оштетувањата на клубените, по вадењето клубените добро да се просушат а потоа да се внесат во просторија со цел да се забрза зараснувањето на раните и да се обезбеди добро проветрување на просторијата. Посадочниот материјал пред складирањето може да се запраши со некој фунгицид или да се потопат во суспензија од препаратот Миказол.
|