Име на болест: Бактериски пригор на гравот - Xanthomonas axonopodis pv. Phaseoli
Култура: ГРАВ
Опис: Значајна бактериоза кај гравот. Распространета е секаде каде што се одгледува гравот. Оваа бактериоза е присутна кај нас во реоните со повисока температура и со својот интензитет причинуваат прегорување на листовите и силно го намалува приносот. Симптомите се манифестираат кај сите надземни делови, но најчесто на листовите и на мешунките. На листовите во почетокот се јавуваат ситни, светлозелени, проѕирни и влажни дамки кои подоцна стануваат црвеникаво - кафеави и ја губат провидноста. Подоцна, дамките стануваат црвеникави и суви, со присуство на обилен жолтеникав бактериски ескудат. Поради големиот број инфекции, дамките се спојуваат меѓу себе, лиските стануваат крти, па изгледаат како да се прегорени. Кај мешунките се јавуваат тркалезни, влажни, темнозелени дамки кои се зголемуваат се спојуваат и добиваат неправилен облик. Од мешунките бактериите достигнуваат до семето, а во заразените зрна се забележуваат жолтеникави дамки наречени зони со различна големина. Силно изразените зрна се спуруваат и имаат пожолта боја и таквите зрна не поникнуваат и кај нив ‘ртулците изумираат. Бактеријата се развива на температура од 20 до 30°С и болеста најинтензивно се развива при услови на чести и обилни дождови, при долго задржување на росата. Бактеријата главно се одржува и пренесува од година во година преку заразеното семе и од заразеното семе се добиваат болни растенија. Xanthomonas axonopodis pv. Phaseoli на соодветни хранливи подлоги образува тркалезни, жолти и мазни колонии. Бактеријата се разнесува со инсекти, дождовни капки, човекот при извршување на агротехнички мерки. Растенијата од грав се посебно осетливи во фазата на цветање.
Како заштита од оваа бактерија се препорачува употреба на семе од здрави посеви, отстранување на болните зрна, уништување на болните растенија непосредно при никнењето, дезинфекција на семето. Се препорачуваат три прскања: првото непосредно по никнењето, второто во почетокот на цветањето и третото кон крајот на цветањето со бакарни препарати.



повеќе слики >>

Препарати